Гастрономија

Времетраење на студиската програма: 4 години

ЕКТС кредити: 240

Титула: Дипломиран менаџер по гастрономија

 

Цели на студиската програма

Студиската програма на новата насока Гастрономија овозможува креирање на високо професионални кадри од областа на гастрономијата. Овие кадри ќе овозможат унапредување на гастрономските вештини и техниките на готвење, осознавање и применување на правилната исхрана и диеталните режими на исхрана што во целост ќе придонесе за развивање на туризмот и угостителството во Република Македонија, подобрување на здравјето и квалитетот на животот на населението во Република Македонија, како и применување на професионален приод во лекувањето на болестите со помош на специфични режими на исхрана. Гастрономијата како специфична угостителска дејност зазема исклучително важна улога во целокупниот општествено – економски развој на нашата земја со оглед на фактот што истата се одликува со многу вековна гастрономска традиција и со силно изразено гостопримство. Светските трендови императивно се стремат кон синергија на туризмот и храната. Храната има сè поголема тежина во задоволувањето на потребите на денешниот современ турист, со што ќе има сè поголемо значење за развојот на туризмот во Република Македонија.

Со пораст на куповната моќ на туристичките потрошувачи, тие ќе бараат се посегментиран и уникатен туристички производ карактеристичен за туристичката дестинација. Истото ќе се однесува и во доменот на храната како многу битен сегмент на туристичкиот производ во целина. Задоволувањето на потребите за храна на денешниот туристички потрошувач, не преставува повеќе секојдневен, обичен чин, туку се повеќе претставува гастрономско доживување.

Денешниот современ туристички пазар, бара квалитетна и стандардизирана понуда, поради тоа треба да превземаат чекори за следење на овој тренд, посебно со создавање на туристички производ кој ќе носи препознатлив македонски бренд и имиџ. Традиционалната, здрава и домашна храна треба да бидат дел од стратешките цели и политики, кон кои ќе се стреми туристичката гастрономска понуда на Република Македонија. Треба да се искористат сите стари занаети и обичаи со што ќе се креира уникатна гастрономска понуда со сите специфични јадења кои се сочувани низ вековите од нашите предци. Тоа е иднината на македонскиот гастрономски бренд, кого најмногу го цени и бара пребирливиот, куповно моќен странски турист, вкус кој нема да го заборави и повторно ќе се врати во Македонија за тоа гастрономско доживување.

Бидејќи науките за исхрана и диететика претставуваат мултидисциплинарни науки за технологијата на храната, исхраната и влијанието на храната врз човечкиот организам се наметна потребата од трансформирање на студиската програма од тригодишни во четиригодишни студии. Истражувањата од областа на нутриционизмот, особено во последните години имаат важна улога во појаснувањето на многу процеси поврзани со исхрана и појавата на болести и нарушувања во човечкиот организам, како и во осознавањето на улогата на храната во моделирањето на генетскиот потенцијал на поединците. Затоа денес биотехнолозите, нутриционистите и диететичарите имаат сè позначајна улога како истражувачи кои ги пренесуваат своите знаења на целата човекова популација со цел истата да ја задржи или да ја подобри постоечката здравствена состојба. Исто така, со трансформирањето на студиите стручњаците од областа на гастрономијата ќе ги усовршат своите знаења преку изучување на проширената студиска програма и истите ќе ги применуваат во креирање на нови технологии и производство на нови видови храна (novel food, функционална храна) и други прехранбени производи. Едуцирање на високо образовани стручњаци од овој профил е од витално значење за целата земја, особено за градот Охрид кој претставува најпознат туристички и гастрономски центар во РМ, како град на УНЕСКО.

 

Резултати од учењето (специфични дескриптори на квалификации)

Знаење и разбирање

  • Стекнување на современи знаења од областа на гастрономија, техники и вештини во готвењето и послужувањето
  • Стекнување на знаења за националната македонска и интернационалната кујна
  • Стекнување на знаења од областа на исхраната и влијание на истата врз здравјето на човекот
  • Стекнување на оптимални знаења за правилната исхрана, нејзина примена и оптимализирање на оброците наменети за различни старосни категории
  • Стекнување на знаења за технологиите прехранбените стоки, поделба, суровините од кои тие се добиваат, фазите на производство, карактеристики, пакување и дистрибуција, манипулирање со нив
  • Стекнување на знаења од областа на хигиена, санитација и микробиологија на храна и пијалаци во угостителството
  • Стекнување на знаења за новите видови храна како генетски модифицирана храна, функционална храна, “бавна храна”, како и специфични филозофии на исхрана (вегетаријанство, макробиотика)
  • Стекнување на знаења од областа на диететиката

Примeна на знаењето и разбирањето

  • Гастрономски вештини и техники на послужување
  • Способност за составување на специфични диетални менија во зависност од видот на болеста и индивидуалните потреби (нетолеранција на одредени видови храна, правилно комбинирање на хранливите продукти)
  • Креирање на специфични менија наменети за различни целни групи: спортисти, деца, стари луѓе, трудници, реконвалесценти
  • Креирање на дневни менија наменети за специјализирани установи од затворен тип како предшколски и школски установи, сектори за исхрана на студенти, домови за стари и немоќни лица, медицински установи, ресторани, хотели, лекувалишта, fashion менија за модели и личности од сцената, и сите останати видови на catering – услуги кои нудат специфични видови исхрана (вегетаријанска, традиционална, рестрикциска), спортски професионални и непрофесионални организации, центри за пропагирање на специјални начини на исхрана (вегетаријанство, макробиотика) како и еколошко производство на храна, актуелната и здрава рачно изработена храна
  • Едуцирање на потрошувачите, контрола на квалитетот на производите, безбедност на храната и имплементирање на HACCP стандардот во прехранбената индустрија и угостителските објекти
  • Менаџирање на современи угостителски објекти и создавање на препознатлив имиџ на гастрономска понуда

Способност за проценка

  • Правилно подготвување, кондиционирање и конзервирање на храната со цел да се задржи хранливата вредност на истата
  • Утврдување на квалитетот на храната, лабораториски техники и нивна примена, сензорна анализа, како и комбинирање на специфични сортни вина со различни видови храна
  • Способност за имплементирање на теоретските знаења во практичното работење и способност за избор на соодветно решение

Комуникациски вештини

  • Способност за соодветна комуникација со колегите и корисниците на угостителските услуги
  • Способност за тимско работење и активна соработка во рамките на групата, што подразбира свесно превземање на одговорностите
  • Споделува и применува специфични идеи со соодветен професионален пристап и истите ги преточува во реални проекти.

Вештини на учење

  • Презема иницијатива да ги идентификува потребите за стекнување понатамошно знаење и учење со висок степен на самостојност во одлучувањето
  • Редовно ги следи најновите промени кои што се случуваат во оваа област

 

Елаборат 2017

Кандидатите кои поднесле пријава за прв циклус на студии во вториот уписен рок треба да се запишат на 24.09.2021 година во просториите на ФТУ.

Повеќе информации на страницата на УПИСИ