Царина и шпедиција – 1 година

Последипломските студии на насоката Царина и шпедиција на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид за прв пат беа воведени во академската 2004/2005 година со студиската програма Современи развојни тенденции во царинско – шпедитерското работење. Студиската програма беше воведена како резултат на потребата во рамките на царинската и деловната заедница, од академски кадар кој што располага со знаење од областа на  царината, меѓународната трговија и логистиката, економијата и правото. Царината, за да биде темелно изучена, бара мултидисциплинарен приод од економски, правен, политички, социјален и безбедносен аспект, што претставува потврда за потребата од постоењето на студиска програма која одговара на комплексните предизвици. После 15 години од воведувањето на студиската програма на последипломските студии, преку постојано ревидирање на истата, денес нудиме целосно модернизирана и усогласена студиска програма со барањата на деловната, но и научната заедница.

Испораката на стоки на меѓународно ниво значи преминување на државни  граници и почитување на процедурите и давачките при тоа преминување. Транспортот на стоки преку граница бара исполнување на голем број на процедури наметнати со закони и меѓународни договори. Со цел правилно спроведување на овој процес, потребни се кадри  кои имаат соодветно знаење во оваа област.

Вториот циклус студии по Царина и шпедиција овозможуваат студентите да се стекнат со знаење од областа на меѓународната трговија и современите царински системи, да ја познаваат царинската регулатива во меѓународната трговија и да се оспособат со вештини во шпедитерско – логистичкото работење.

Вториот циклус студии по Царина и шпедиција има за цел да профилира кадри кои што успешно може да одговорат на барањата на раководните позиции како во рамките на јавниот, така и во рамките на приватниот сектор. Студентите ќе бидат во можност своите вештини да ги искористат покрај во царинските служби и шпедитерско – логистички компании, исто така и при работење во стопански субјекти кои обавуваат надворешно – трговско работење. Стекнатите знаења и вештини на оваа студиска програма студентите можат да ги искористат и во државната администрација, но и за водење на свој бизнис, особено во областа на шпедитерско – логистичкиот сектор. Ќе се стекнат со знаења, вештини и способности кои ќе им овозможат непречено да ги извршуваат своите активности во областа на надворешната трговија. Знаењата и вештините стекнати во текот на нивните студии, им овозможуваат и полесно стекнување на лиценци за застапување во работењето пред царинските органи. Знаењето од областа на царината и шпедицијата стекнато на оваа студиска програма во целост соодветствува со Европските и светските трендови и стандарди за царинско – шпедитерско работење, што им овозможува и вклучување во Меѓународните институции од оваа област како што се Светска царинска организација, Светска трговска организација.

Целта на вториот циклус студии е и дел од студентите да ги подготви за нивно понатамошно надоградување од областа меѓународната трговија, логистиката, менаџментот, економијата и правото, давајќи  им основа и мотивација за нивно вклучување во академската заедница и стекнување на степен доктор на науки на некои од домашните или странските универзитети.

Студиска програма за едногодишни магистерски академски студии на студиската програма Царина и шпедиција функционира по моделот 4+1. Оваа студиска програма според националната рамка на високообразовните квалификации припаѓа на втор циклус на студии – магистерски академски студии 60 кредити – VIIA, со времетраење од 1 година, односно 2 семестри. После совладувањето и положувањето на предвидените испити, студентите изработуваат задолжителен научно-истражувачки труд, односно магистерски труд, истиот го бранат на јавно организирана одбрана и со тоа со завршуваат вториот циклус на акaдемски студии по Царина и шпедиција. Со завршувањето на академските студии од вториот циклус на студии, студентите се стекнуваат со диплома Магистер по царина и шпедиција (Master in Customs and FreightForwarding).

Студиската програма за втор циклус на студии по Царина и шпедиција е акредитирана на македонски и англиски јазик.

 

Елаборат 2017