Во периодот од 4ти до 9ти октомври 2021 год. Факултетот за туризам и угостителство – Охрид беше домаќин на групата професори од колеџот Жесе де Форе (Lyceé Polyvalent Jessé de Forest) од Авен сур Елп (Avesnes sur Helpe), Република Франција и Голвеј-Мајо технолошкиот институт од Република Ирска (GMIT – Galway Mayo Institute of Technology). Оваа посета беше на заедничка иницијатива на доц. д-р Климент Наумов, од катедрата за гастрономија при ФТУ-Охрид, познатиот француски шеф Кристоф Доверњ (chef Christophe Dovergne) и професор на колеџот Жесе де Форе и проф. д-р Сара Берто (Sarah Berthaud) од ГМИТ, одговорна за меѓународна соработка на институтот и професор по француски јазик.
Во рамките француската делегација беа исто така Кристел Леруа (Christelle Leroy), професор по менаџмент и шеф на департманот за меѓународна соработка и размена и г-дин Франк Део (Franck Dehaut), заменик директор на колеџот Жесе де Форе. Во посета на ФТУ-Охрид од ирската делегација освен проф. Берто, беше и проф. Мери Рид (Mary Reid), наставник по слаткарски вештини на институтот во Голвеј, Ирска.
Француската делегација пристигна на 4ти октомври во Скопје, каде попладнето заедно со доц. д-р Климент Наумов остварија средба со Францускиот институт-Скопје со г-ѓа Сузана Пешиќ, одговорна за јазична и универзитетска соработка и Кампус Франс и г-дин Бранко Чобанов, аташе за култура и помошник на директорот. Оваа прилика се искористи да се стават на маса можностите и начините за промовирање на француската култура низ призма на гастрономијата, а исто така и да се интензивира соработката со Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, каде францускиот јазик се изучува како задолжителен на насоката гастрономија.
На ден 05.10.2021 беше остварена трилатерална средба со делегацијата и раководството на факултетот, проф.д-р Цветко Андреески, декан на ФТУ, проф.д-р Александар Трајков, продекан за настава, проф. д-р Иванка Нестороска и доц. д-р Климент Наумов. На средбата сите детално се запознаа со трите институции и се разговараше за идни можности за продлабочување на соработката преку размена на студенти и кадри.
Во средата 06.10.2021 посетителите го следеа практичниот час по подготовка на традиционална македонска храна под менторство на доц. д-р Климент Наумов и студентите од сите години на насоката гастрономија. Дополнително гости беа шеф Момчило Цониќ , предавач по кулинарски вештини од академијата на Јужна Србија во Лесковац под чие менторство беше подготвена лесковачка мучкалица и шеф Димитар Арнаудоски од Охрид шеф на кујната на Хотел Гарден кој на студентите им одржа мотивациски говор и им даваше совети за подобрување на кулинарските вештини. Во заедничка соработка на четворицата професори и шефови беа подготвени традиционалните специјалитети гравче тавче, пинџур, тегната баница (колбурек), риба на охридски начин традиционалната раванија. Гостите беа воодушевени од вкусовите на нашата традиционална храна. Со интервенција на шеф Кристоф се подготвија и неколку француски рецепти со користење на локална риба.
Во четвртокот 07.10.2021 на студентите им беше презентиран ГМИТ, а во продолжение беа проектирани демо видеа за подготовка на ирски специјалитети (патка и чаден лосос) со директно вклучување на проф. Имон Холт (Eamonn Hoult) предавач по гастрономски вештини, проф. Улрих Хухе (Ulrich Hoeche), предавач готвач и проф. д-р Франческо Ночи (Francesco Noci) професор по биотехнологија. Подготовката на специјалитети од лосос и патка кои беа презентирани со линковско директно поврзување од проф. Холт и проф. Хухе беше физички демонстрирана од страна на шеф Кристоф Доверњ во кујната на ФТУ-Охрид.
Во продолжение на денот проф. Мери Рид демонстрираше подготовка на чоколадни десерти. Таа се претстави со демо мастерклас од областа на чоколатерството и на студентите детално им го демонстрираше целиот процес на темперирање на висококвалитетно чоколадо, подготовка на ганаш и филови и обликување на кондиторските производи со користење на соодветни калапи.
Попладнето делегацијата од Ирска и Франција преводена од доц. д-р Климент Наумов оствари средба со Ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола, проф.д-р Сашо Коруновски, на која се разгледа можности за продлабочување на соработката помеѓу трите институции во насока на промоција не само на гастрономијата како дисциплина која се изучува на УКЛО, туку и во други области кои се заеднички. Се разговараше за тековните и идните заеднички проекти и облици на соработка, а пред се размена на студенти и наставен кадар. Гостите од Франција и Ирска ги придружуваше почесниот конзул на Република Франција, г-ѓа Калиопа Кривашија Стилиновиќ.
Во петокот 08.10.2021 шеф Кристоф одржа мастерклас на кој демонстрираше подготовка на специјалитет од бело месо од живина со смекнат путер, пире од бел грав, глазирани моркови и кафеав сок од живина со путер нуазет (*Blanc de volaille au beurre mousseux, purée Soissonnaise, carottes glacées et jus brun de volaille perlé au beurre noisette*), понатаму Тарталет од јаболка и спекулоос бисквити со карамел од солен путер (*Tartelette pomme/spéculoos, caramel beurre salé**) *и Нормандиски тарт со пеќени јаболка (*Tarte Normande aux pommes rôties*).
Тој исто така је демонстрираше и техниката за турнирање зеленчук (tourné) и трикови за штедење и создавање помалку отпад во кујната. Шеф Кристоф го објасна и процесот на дифузија на вкусовите во храната преку практичен приказ и користење на соодветни форми на сечење на зеленчукот и другите мирудии во кујната на ФТУ-Охрид.
Соработката со овие институции започна уште во 2017 година со иницијалната посета на шеф Кристоф на ФТУ-Охрид, за истата да продолжи во 2018, 2019 и 2020 година.
Кристоф Доверњ е професор по готварство и член на француската кулинарска академија, а исто така е основач и сосопственик на престижниот сајт за гастрономија „750 g“.
Мери Рид е член на националниот слаткарски тим на Ирска, со освоени бројни награди во полето на кондиторството во светски рамки, експерт за изработка на чоколадни десерти.
Текстот (извештај) го подготвил:
Д-р Климент Наумов, доцент од областа на гастрономијата
Фотографија: Петар Паунче-Скитник, УКЛО архива

Галерија:

https://drive.google.com/drive/folders/15umgtwuVaTUlV-worX3vge3eX75iXipB