Факултетот за туризам и угостителство – Охрид беше домаќин на великаните на Балканската гастрономија. На покана на доц. д-р Климент Наумов, а во соработка со м-р Момчило Цониќ кој е докторант при ФТУ-Охрид и македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак, гостуваа еминентни стручњаци од областа на кулинарството како Стево Карапанџа, Вуко Митровиќ, Томаж Возељ и Жељко Невен Бремец. Жељко Бремец одржа мастер клас со почеток од 8:00 часот за студентите од насоката гастрономија и дел од шефовите на кујни од охридската ривиера кои се одѕваа на поканата да го следат овој настан.
Гостите беа пречекани од ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски–Битола, проф. д-р Сашо Коруновски, деканот на ФТУ-Охрид, проф. д-р Цветко Андреески, продеканот за настава, проф. д-р Александар Трајков и проф. д-р Иванка Нестороска од управата на ФТУ. За време на кратката средба се разговараше за идни можности за соработка во полето на реализирањето на студентската задолжителна пракса и интензивирање на соработката со кулинарските академии од Хрватска, Црна Гора и Словенија.
Доајенот Карапанџа заедно со негови колеги шефови, врвни готвачи од регионот, на ден 16ти октомври беше во Охрид каде беа одржани практични и теоретски предавања пред студентите по гастрономија на Факултетот за туризам и угостителство. Тој беше повикан да им пренесе дел од своите вештини, а особено дел од своите тајни кои ги стекнал во текот на својата 55 годишна кариера како мајстор-шеф на сите светски континенти.
Познатиот Стево Карапанџа одржа мотивационен говор за тоа што значи да се биде успешен готвач и шеф откривајќи одредени детали од својата богата биографија. На неговото излагање се надоврза со свое експозе проф. Вукан Митровиќ, еден од најплодотворните кулинари од Црна Гора, сопственик на хотел и приватна хотелско-ресторанска академија, потенцирајќи ги предизвиците со кои угостителството се соочува во денешницата. Проф. Томаж Возељ, кој е претседател на асоцијацијата на словенечките шефови на кујни имаше свое двочасовно предавање за тоа што значи да се има „комплетна чинија“, притоа длабоко продирајќи во готварството низ научна призма. Гостите беа на патување низ Македонија во организација на асоцијацијата на македонски готвачи „Гастромак“, чиј претседател е познатата Адријана Алачки, водител на забавната емисија од областа на традиционалното кујна ,,Вкусот на традицијата”.

Текст на доц. д-р Климент Наумов,
Фотографии: Петар Паунче – Скитник

Галерија:

https://drive.google.com/drive/folders/1AxfS1dmnlTBL_qeCOWaBW89-42xdh-CA