Во рамките на Европската Јадранскo-Јонска  мрежа на универзитети, региони, стопански комори и градовиAI-NURECC Plus,  од 23-24 јануари 2023 година имаше дводневен настан во Скопје на кој се одржаа конференција  и младински форум. На овој настан   претставници од универзитетот „Св. Климент Охридски„-Битола беа Проф.др. Иванка Нестороска од Факултетот за туризам и угостителство со студенти од факултетот, претседателот на Универзитетското студентско собрание, студенти од Економски Факултет и Факултетот за биотехнички науки.

На првиот ден се одржа конференцијата на тема Одржливиот туризам како стратегиски двигател за одржлив и инклузивен развој на Јадранско Јонскиот Регион и нивните планински области. На покана од организаторот, проф.др. Иванка Нестороска имаше свое излагање и ја раководеше сесијата Одржливоста како двигател за развој на туризмот во планинските области.  Проф.др. Нестороска даде осврт на  важноста за ориентираност кон одржлив туризам во планинските области во Македонија како позитивен пристап кој овозможува да се задржат економските предности од развојот на туризмот, како и да ги намали негативните ефекти врз ресурсите и животната средина.

На 24 јануари, IV Форум на младински организации на Јадранско Јонскиот регион  (AIYOF4) се фокусираше на улогата на младите во унапредувањето на овој регион да биде повеќе одржлив, зелен и инклузивен со главна тема  Вештини на младите за иновативен, одржлив и инклузивен Јадранско-Јонски регион. Во текот на сесиите и работните групи се дискутираше за зголемување на вклучувањето и ангажманот на младите, посебно врз основа на принципите на  EUSAIR –Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион која опфаќа десет земји: четири земји-членки на ЕУ (Хрватска, Грција, Италија, Словенија) и шест земји кои не се членки на ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Сан Марино, Србија). Нашите студенти беа вклучени во работни групи на кои се дискутираше и се презентираа заклучоците на младите за следниве четири приоритети за овој регион како клучни предизвици за развој: Синиот раст, Поврзување на регионот, Квалитет на животната средина и Одржлив туризам. Следниот младински форум во рамките на  AI-NURECC Plus мрежата ќе се одржи во мај 2023 година.

 

 

Повеќе информации на: https://www.adriatic-ionian.eu/event/save-the-date-ai-nurecc-plus-events-in-skopje-north-macedonia/