Факултетот за туризам и угостителство од Охрид беше организатор на вториот вебинар во рамките на проектот “Одржливост во кулинарските практики: традиција и иновации кон одржлива иднина”, дел од програмата Еразмус+ на Европската Унија, а со цел подобрување на знаењата и свеста за одржливост во областа на кулинарството.
Вебинарот што е дел од серијата од четири вебинари што се координираат од страна на факултетот, а со цел унапредување на академските, научните и стручни знаења од областа на гастрономијата, прехранбените технологии, и одржливите практики во управување со синџирите на снабдување во прехранбениот сектор. Овие знаења треба да ја стимулираат и подигнат свеста за одржливост во кулинарските практики и треба да придонесат кон создавање на иновативни алатки за предавање и учење. Овие ресурси ќе бидат искористени од страна на институции што обезбедуваат стручно образование и обука за професионалци во областа на кулинарството, како и за зголемување на дигиталната подготвеност на 4-те партнерски институции: Атлантскиот технолошки универзитет (АТУ) Галвеј, Ирска; Едукативниот центар за кулинарство Медитеранео во Валенсија, Шпанија; Школата Жесе де Форест од Авен, Франција и Факултетот за туризам и угостителство Охрид и Факултетот за биотехнички науки Битола, Универзитет Св. Климент Охридски Битола, Македонија.
Пред повеќе од 50 учесници на вебинарот, меѓу кои професори, научни и стручни лица и студенти од земјите партнери, свои стручни предавања одржаа проф. д-р Гордана Димитровска, проф. д-р Елена Јошевска и доц. д-р Климент Наумов.
Професорката Димитровска презентираше истражување на тема „Искористување на отпадните материи од прехранбената индустрија согласно стратегијата за одржливост на Европската унија“ каде посебно го истакна значењето на одржливите практики во прехранбениот сектор во насока на искористување на отпадните материи. Во предавањето, покрај целите за одржливи развој во согласност со стратегијата на ЕУ беа презентирани и целите и принципите на Стратегијата “Од нива до трпезарија” (Farm to Fork Strategy – f2f) на ЕУ. Во предавањето беа изнесени и практични препораки за подобрување на одржливоста во овој сектор.
Професорката Елена Јошевска имаше предаваше на тема „Намалување на отпадоците од храна во малопродажба и угостителските објекти“. Во истражувањето беа анализирани и дефинирани количините на отпад во малопродажбата и посебно се истакнаа различните видови на отпад од храна во угостителските објекти и институционалните кујни. Притоа, акцент се стави на чекорите кои треба да се преземат за воспоставување на култура на одржливост во угостителските објекти, презентирајќи конкретни препораки за управување со вишокот на храна. Со ова предавање, учесниците добија конкретни алатки и стратегии за подобрување на одржливоста во областа на малопродажбата и храната во угостителството.
Професорот Климент Наумов, ја истражи и ја презентираше врската помеѓу традиционалното конзервирање на храна и намалувањето на отпадот, со посебен осврт на искуствата на Охридското и Преспанското Езеро. Неговите препораки за заштита на рибниот фонд и намалување на отпадот од риба претставуваа значителен принос за разбирањето на важноста на одржливите практики во регионот.
Предавањата поттикнаа низа дискусии и размена на мислења во насока на подигнувањето на свеста и стекнување на нови знаења и искуства во областа на одржливоста во кулинарските практики. Овие знаења несомнено ќе придонесат кон развој на иновативни алатки за предавање и учење што ќе имаат практична примена во образованието и обуката на професионалци во угостителството.