Царина и шпедиција

Времетраење на студиската програма: 4 години

Јазик: Македонски/Англиски

ЕКТС кредити: 240

Титула: Дипломиран менаџер по царина и шпедиција

 

Цели на студиската програма

Студиската програма има за цел низ едукација студентите да се оспособат за идни менаџери од царинско- шпедитерската дејност.

Најнапред студентите треба да се запознаат со правно економскиот систем на Република Македонија, основите на домашното позитивно право и правото на Европската Унија.

Тргнувајќи од основниот сегмент дека меѓународната трговија и меѓународните комуникации воопшто се основ за постоење на царината, студентите треба да ги стекнат знаењата од оваа област. Наставната програма ги оспособува студентите за работа во царинските служби, но и за работа во шпедитерски компании. Современиот свет кој функционира низ процесот на глобализација наметнува потреба од непрекинато одвивање на меѓународната трговија како со земјите со исто или слично ниво на развој, така и со оние кои се поразвиени. Во таа смисла, студентите на оваа наставна програма ќе ги совладаат економските ефекти од меѓународната размена, процесите на ценовна и квалитативна конкуренција, финансиските ефекти од меѓународната размена, фискалните ефекти од меѓународниот проток на стоки и услуги, како и социјалните и заштитните ефекти на царината. Сите стопански субјекти на директен или индиректен начин на страната на понудата (на стоки и услуги) или на страната на побарувачката (на суровини, репроматеријали, трговски стоки и сл.) се упатени на меѓународна размена поради компаративните предности кои одделни економии ги имаат за производство на некои специфични стоки и услуги. Оттаму и потребата за изучување на овие процеси и специјализација на кадри кои професионално ќе се ангажираат во стопанските субјекти од било која дејност.

Натаму, исто така студентите ќе се здобијат со знаења за местото и улогата на царината и шпедицијата како нејзин сегмент во правниот систем на Република Македонија заедно со европските и меѓународните правила и стандарди кои го обусловуваат нивното идно работење. Особено треба да се запознаат да манипулираат со стоките и нивното царинско познавање, како и царинската тарифа и Хармонизираниот систем за класификација на стоките и Законот за царинска тарифа.

Низ севкупната едукација особено ќе се обрне внимание во нивното практично и стручно усовршување низ мноштвото на предмети од областа на царинското и шпедитерско работење, проследено со задолжителна практика во текот на студиите во Царинската Управа на Република Македонија и во шпедитерски компании.

Со тоа студентите се оспособуваат да се вклопат во Европските и светските трендови и стандарди за царинско работење, со што се покажува дека Република Македонија има современ метод за оспособување на кадри од овој вид.

 

Резултати од учењето (специфични дескриптори на квалификации)

Знаења и разбирање

  • Препознава и помни добро воспоставени начела во полињата на економските, правните, организационите и техничко – технолошките науки, како и во полињата на науките кои се поврзани со царината и шпедицијата;
  • Опишува и расправа за клучни аспекти и концепти во областа на царината и шпедицијата;
  • Следи тековни истражувања и развој, како и истражување во поширок мултидисциплинарен и интердисциплинарен контекст на царината и шпедицијата.

Примена на знаењето и разбирањето

  • Одредува и анализира процеси, методи и резултати во областа на царината и шпедицијата;
  • Лоцира, формулира и решава основни проблеми во областа на царината и шпедицијата, користејќи веќе воспоставени методи.

Способност за проценка

  • Прибира, анализира и презентира информации од соодветните податоци достапни во областа на царината и шпедицијата;
  • Прави соодветна проценка при примена и оценување на знаењето од клучно значење во областа на царината и шпедицијата, земајќи ги во предвид соодветните лични, општествени, научни или етички аспекти;
  • Соединува теорија и практика за да реши проблеми од областа на царината и шпедицијата, како и да ги објасни причините за избор на соодветнирешенија.

Комуникациски вештини

  • Комуницира ефективно преку пишани извештаи и усни презентации, користејќи соодветна терминологија и технички јазик;
  • Споделува и расправа за концепти и идеи во областа на царината и шпедицијата, како со стручната заедница, така и со целата општествена јавност;
  • Способен е за тимска работа и активна соработка во рамките на група, преку споделување на одговорности и задачи.

Вештини на учење

  • Презема иницијатива за идентификување на потребите за понатамошно професионално унапредување со висок степен на самостојност во одлучувањето;
  • Редовно ги следи најновите научни текови во областа на царината и шпедицијата, како што се научни трудови и списанија, но и учество на семинари, конференции.

 

Елаборат 2016

Elaborate Customs and Freight