Денеска во 11 часот во предворјето на црквата Св. Софија се одржа првиот академски час на Факултетот за туризам и угостителство за учебната 2021/2022 година. Свечениот час го отвори Претседателот на студентското собрание на ФТУ – Игор Пешевски кој им посака топло добредојде на новите колеги. Свое обраќање имаа и Продеканот Проф. Д-р Александар Трајков, деканот Проф. Д-р Цветко Андреески и ректорот на УКЛО Проф. Д-р Сашо Коруновски, како и претставник од СН Осигурителен Брокер АД Битола и директорот на студентскиот дом „Никола Карев“ .
Претседателот на ФСС – Игор Пешевски им посака добредојде на своите нови колеги и изјави „Факултетското Студентско Собрание претставува орган на ФТУ т.е. единствено легитимно тело каде што студентите имаат своја организација. Целта на ФСС е подобрување и развој на студентскиот стандард.“ Тој апелира до новите студенти активно да се вклучат и да учествуваат во работата на ФСС. Пешевски се заблагодари за големата поддршка од страна на професорите и управата на факултетот. Студентите кои минатата година активно учествуваа и работеа за ФСС добија плакети, со што ФСС им се заблагодари за залагањето. Тој за крај додаде „Ова да биде добар пример за понатаму, дека оние студенти кои работат и се трудат, на крајот нивната работа ќе се исплати!“
На свечениот час се обрати и директорот на студентскиот дом „Никола Карев“ кој изјави дека студентите го направиле вистинскиот избор и ги покани да го посетат студентскиот дом.
Од името на компанијата СН Осигурителен брокер АД Битола новите бруцоши ги поздрави м-р Александра Дуковски. Таа ја нагласи стратешката соработка што СН Осигурителен брокер ја воспостави и развива со УКЛО – Битола, а се однесува на реализација на практична настава на студентите од студиската програма по Осигурување во компанијата, стипендии и вработувања на студенти од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, наградни конкурси за студентите од насоката Осигурување и слични активности во насока на поврзување на образованието и практиката. Таа им посака на студентите среќна и успешна студиска година, со надеж дека некои од нив во иднина ќе бидат дел од тимот на СН Осигурителен брокер АД Битола.
Продеканот за настава Проф. Д-р Александар Трајков даде свое излагање и ги запозна студентите со работата на ФТУ. Меѓу другото, нагласи „Нашиот факултет е еден од најстарите факултети во Македонија и дел од вториот најстар Универзитет Св. Климент Охридски-Битола. Ќе работите со повеќе од 33 професори – доктори на науки од соодветните области на студирање и ќе имате извонредни услови за студирање како што се современо опремени предавални, амфитеатар, кујна, бифе, библиотека, компјутерска училница и ќе имате пристап до учебници и учебни помагала. Факултетот е авангарда во високото образование во Македонија и нуди студиски програми кои се во склад со побарувачката на труд. Факултетот нуди можност за користење државни стипендии, но исто така и европски стипендии кои би им овозможиле бесплатно студирање во странство.“
Деканот, Проф. Д-р Цветко Андреески апелира до новите академски граѓани „Вие треба да бидете промотери на знаењето и културата на ФТУ и културата на овој град.“ Тој додаде дека студентите ќе имаат можност да работаат и со професори од странство. Поради пандемијата, наставата ќе се одвива на хибриден начин, дел од наставата ќе се одвива online, а дел со физичко присуство.
Ректорот на УКЛО, Проф. Д-р Сашо Коруновски нагласи дека “образованието е најважниот ресурс на 21век, образованието е нафтата на 21век”. Тој посебно ја нагласи симболиката на локацијата – мудроста која произлегува од учењето и стекнувањето на нови знаења. За крај, ректорот ги мотивираше бруцошите со мислата „Човек учи додека е жив.“
Текстот го подготви Фани Милошева студентка на ФТУ