Палилулско златно котле – Ниш

Палилулско златно котле – Ниш

Група студенти од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, предводени од доц. д-р Климент Наумов, оствари забележителен успех на овогодинешниот гастрономски настан „Палилулско златно котле“ во Ниш, Република Србија во конкуренција од 26 екипи. Станува збор за традиционална гастрономска манифестација од меѓународен натпреварувачки карактер. Веќе 15 години се одржува по повод празникот посветен на Св. Царица Елена и Св. Цар Констанин Велики, покровители на градот Ниш. Настанот е во организација на градското Здружение на угостителски и туристички работници.

Пропозициите на натпреварот се состоеа во подготовка на рибна чорба и рибен паприкаш. Тимот на ФТУ-Охрид во состав Христијан Трајковски (I година гастрономија), Игор Пешевски (II година хотелско-ресторански менаџмент) и Антонио Бојковски (I година гастрономија) беа неприкосновени во подготовката на двата специјалитети и соодветно беа наградени со златни медали и дипломи, како и пехар за освоено прво место во соодветните категории.

Специфичноста на натпреварот се состоеше во тоа што специјалитетите се подготвуваа на оган, користејќи котлиња обесени на троножен сталак, што особено го усложни целиот процес на спремање.

Тимот зготви две јадења од риба и тоа: традиционална Охридска бела чорба со пастрмка, за чие подготовка не беше искористена ниту една капка масло или било каква запршка. Чорбата беше згусната со свежа икра и 5 лажици брашно на 10 литри чорба.

Во категоријата рибен паприкаш тајната на успехот на составот на ФТУ-Охрид беше свежиот Охридски вирски крап и фината алева пипер од битолското село Буково. И во подготовката на овој специјалитет воопшто не се користеше масло и запршка.

Здружението на угостителски и туристички работници-Ниш, го награди ФТУ-Охрид со златна диплома во двете категории за екипно учество. Претседателот на здружението г-ѓа Анчица Димитријевиќ, му врачи благодарница за особен придонес во развојот на гастрономијата, угостителството и туризмот на д-р Климент Наумов.

Тимот на ФТУ-Охрид во текот на претпладнето оствари посета на канцеларијата на здружението со пригодни подароци.

Во текот на гастрономскиот настан беа остварени средби со официјални претставници од образовните институции од областа на угостителството и туризмот ширум Србија, во насока на соработка за евентуални проекти, како и запишување на студенти од Србија на нашиот факултет, потенцирајќи ги адутите што ги нудат нашите универзитетски дипломи во областите на гастрономијата, угостителството и туризмот.

Во престојниот период студентите кои активно учествуваат на теоретските и практичните предавања по предеметите: Основи на готварство, Национална кујна, Техники на послужување и Кетеринг на ФТУ-Охрид ќе имаат можност да учествуваат и на други значајни гастрономски манифестации.

Галеријата со слики можете да ја погледнете ТУКА!

 



Кандидатите кои поднесле пријава за прв циклус на студии во вториот уписен рок треба да се запишат на 24.09.2021 година во просториите на ФТУ.

Повеќе информации на страницата на УПИСИ